Функционалноста пред дизајнот, Рубиковата коцка нема да биде заштитена како трговска марка

Шарена коцка. Тоа е сè што ни е потребно да ја препознеме една од најпознатите загатки во светот – „Рубикова коцка“, измислена од унгарски архитект, Ernő Rubik. Три-димензионална сложувалка составена од 6 страни, секоја страна содржи 9 мали коцки со различни комбинации од бои: бела, зелена, сина, жолта, црвена и портокалова. Целта на оваа загатка е да се вртат и местат страните на коцката, сè додека не се постигне крајниот резултат – секоја од страните да биде во една боја. Со околу 500 милиони коцки продадени до 2024 година, Рубиковата коцка претставува една од најпродаванате играчки/сложувалки во светот. Бидејќи е лесно препознатлива и често е поврзувана со други 3D логички игри, неизбежно се поставува прашањето дали тоа има правни импликации кога станува збор за интелектуална сопственост, а особено трговските марки. Оттука, неспорно се поставува прашањето дали Рубиковата коцка е регистрирана како трговска марка, и доколку е тоа случај, дали се појавуваат правни прашања околу нејзината важност.

Трговската марка за оваа 3D сложувалка беше регистрирана во Канцеларијата за Интелектуална Сопственост на Европската Унија (EUIPO) на 18 јануари 2012 година, од страна на компанијата Seven Towns Ltd, тогашен сопственик на брендот Rubik. Кратко потоа, во 2013 година, Verdes Innovations SA, друг производител на 3D сложувалки, ги оспори регистрираните трговски марки за дизајнот на Рубиковата коцка, тврдејќи дека самата коцка не може да биде заштитена со трговска марка, почнувајќи една долга правна битка за нејзината легитимност.

Verdes Innovations поднесе 4 барања до EUIPO, со кои ја оспори важноста на регистрираната трговска марка за дизајнот на 3D сложувалката. Тие тврдеа дека дизајнот на коцката, односно формата на коцката и комбинациите на бои, се функционални елементи и неопходни за постигнувањето на одреден технички резултат. Поради тоа, според нив, регистрацијата на трговската марка е спротивна на правото на ЕУ, особено на правилата кои се однесуваат на ЕУ трговските марки.

Во 2017 година, EUIPO ги прифати поднесените барања, согласувајќи се со тврдењата на Verdes Innovations, дека сите суштински елемени на дизајнот играат важна улога во постигнувањето на техничкиот резултат, а со тоа и на самата цел на играта.

Компанијата Spin Master Toys UK, наследникот на Seven Towns, ја оспори оваа одлука на EUIPO пред Општиот Суд на ЕУ, наведувајќи дека коцката содржи суштински елементи кои се исклучиво поврзани со нејзиниот дизајн и не се неопходни на постигнувањето на техничкиот резултат.

Имено, на 9 јули 2025 година, Општиот Суд ја одби тужбата, потврдувајќи ја одлуката на EUIPO. Основата за одбивањето беше поврзана со одредбите на Регулативата за Комунитарните Марки, според кои знаците коишто се состојат исклучиво од формата на производите не можат да бидат регистрирани како трговска марка доколку сите суштински карактеристики на формата се функционални и неопходни.

На пример, црните линии на решетката кои ги разликуваат боите, јасно ја дефинираат формата на коцката и овозможуваат полесно вртење за да се постигне целта на играта. Понатаму, разликувањето на страните на коцката преку различни бои е неопходно за да може да се разликува секоја страна, како и секое мало квадратче во структурата на решетката.

Бидејќи не е повеќе заштитена како трговска марка, функционалноста на Рубиковата коцка ја прави незаштитен дизајн достапен за сите, со што овој случај претставува одличен пример за ограничувањата при регистрација на трговските марки и важноста од разбирање на карактеристиките на производот (функционалноста).

Leave a Reply