Во рамки на најновите и највлијателните технолошки достигнувања на денешницата секако се вбројува и пронаѓањето на генеративната вештачка интелигенција, која меѓу другото го опфаќа и софтверот Google Gemini. Gemini помага во создавањето на нови содржини, како слики и видеа, дава можност за обработка на податоци и за прикажување на заштитени новинарски објави користејки ја базата на податоци на Google пребарувачот. Иако, навидум е алатка што го олеснува животот, Google Gemini истовремено е и извор на низа контроверзии, меѓу кои и такви поврзани со правата од интелектуална сопственост, односно повредата на авторските права.
Во предметот – преседан, помеѓу Like Company и Google Ireland Limited, Окружниот суд во Будимпешта, во април 2025 година, поднел барање за прелиминарна одлука до Судот на правдата на ЕУ, барајќи толкување на релевантните правни правила што се однесуваат на вештачката интелигенција и начинот на нејзино функционирање.
Тужителот, Like Company е унгарска компанија којашто објавила статија за Косо (Kozsó), унгарски пејач, во една од своите заштитени онлајн новинарски публикации. Кога од Google Gemini било побарано да направи резиме од статијата на унгарски јазик, софтверот, управуван од тужениот, Google Ireland Limited, дал преглед на текстот, повикувајќи се на оригиналната статија.
Тужителот тврдел дека тужениот го повредил неговото право на репродукција и јавно изнесување на значителен дел од објавената статија заштитена со авторско право. Понатаму, тужителот тврдел дека тужениот континуирано ја користел заштитената статија без да обезбеди соодветна согласност и дека обемот на користење го пречекорил дозволениот исклучок за „користење на индивидуални зборови или кратки извадоци од новинарска објава“, нешто што е спротивно на правилата на Европската унија. Дополнително, според тврдењата на тужителот, неговата согласност за прикажување на неговите содржини при пребарување на Google, не значи и дозвола за објавување на содржина надвор од тој обем, што во суштина значи дека тужениот вршел неовластена репродукција на содржини преку неговите услуги за вештачка интелигенција.
Од друга страна, тужениот, Google Ireland Limited, како давател на услугите на вештачка интелигенција на Google Gemini, истакнал дека одговорот даден од страна на софтверот не претставува репродукција, или јавно изнесување на статијата, од причина што содржината прикажана од софтверот не е идентична со онаа во оригиналната статија, ниту пак ги пречекорува границите на нејзина употреба. Според тужениот, Gemini е алатка која постојано еволуира и учи и алатка која е способна да прави „халуцинации“ врз основа на експериментална технологија, како и врз основа на употребата на базата на податоци на Google пребарувачот, што значи дека дадениот одговор само се повикал на факти изнесени во оригиналната статија и дал дополнителни информации. Уште повеќе, тужениот се повикал на исклучоците утврдени од страна на Европската унија за привремени дејствија на репродукција, бидејќи софтверот го прикажува одговорот само во одреден временски период.
Судот на правдата сѐ уште нема донесено одлука во однос на ова прашање, односно во однос на интерпретацијата на правните правила, како би му овозможил на судот во Будимпешта да донесе одлука врз основа на таквата интерпретација. Суштинското прашање тука, е дали текстови генерирани од страна на вештачка интелигенција претставуаат случаи на репродукција и јавно изнесување и дали исклучоците предвидени во релевантните директиви се применливи во предмети што се однесуваат на вештачката интелигенција.
Овој предмет – преседан, го нагласува постојаното еволуирање на правото, со оглед на тоа што подемот на вештачката интелигенција го доведува во прашање толкувањето и опсегот на примена на одредени правни правила. Очекуваната одлука на судот, ќе го промени понатамошниот тек на односите помеѓу вештачката интелигенција и авторските права, но и ќе ги разјасни правата и обврските на издавачите во врска со користењето на вештачката интелигенција.