Донесен Закон за работно ангажирање на лица

Во службен весник на Република Северна Македонија број 104/2025, на ден 26.05.2025 година објавен е Законот за работно ангажирање на лица.

Предмет на уредување со овој закон се условите за работното ангажирање на лица за вршење на работи од повремена или сезонска природа, правата и обврските на ангажираното лице и работодавачот, постапката на пријавување на ангажираните лица, како и плаќањето и пресметката на данок на личен доход, придонес за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување.

Законот за работно ангажирање на лица, влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година.

Работното ангажирање лица во смисла на овој закон, не претставува работен однос согласно Законот за работните односи.

Како работодавач, под услови определени со овој закон може да се јави како физичко така и правно лице а работното ангажирање на лице може да се врши непосредно од страна на работодавачот или со посредување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, од евиденцијата на невработени лица.

Работно ангажирање на лица за вршење на определен вид на работи од повремена или сезонска природа е дозволено само во точно определени дејности, од Националната класификација на дејности и тоа:

  • А/А – Земјоделство, шумарство, рибарство,
  • И/З – Објекти за сместување и сервисни дејности за храна и
  • Т/П – Дејности на домаќинството како работодавач.

Законот изрично ги определува и лицата кои можат да бидат работно ангажирани а тоа  се: лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно со општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос,студент, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно со закон.

Работно ангажираното лице може да работи најмногу 12 часа на ден, односно најмногу 48 часа неделно, со право на паузи, дневен и неделен одмор, согласно со општите прописи од работните односи и има право на паричен надоместок на кој работодавачот е должен да уплати данок на личен доход, придонес за пензиско и инвалидско осигурување и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување согласно со посебните закони од даночната област и социјалното осигурување.

Меѓу другите обврски работодавачот е должен да го запознае работно ангажираното лицето со условите за работа и да го пријави во евиденција на пријави и одјави на работно ангажирани лица на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Leave a Reply