Измени на Законот за Градење

Собранието на Република Северна Македонија на ден 22.04.2025 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, а кој е  објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.87 од 29.04.2025 година.  Согласно член 26 од горенаведениот Закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во Службениот весник на Република Северна Македонија.

Со носењето на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, се носат и значајни измени кои директно влијаат во областа на градењето, правата и обврските на учесниците во изградбата како и други прашања од значење за градењето и градежништвото.

Како значајна измена која ја воведува Законот за изменување и дополнување на Законот за градење е носењето на член 9 кој гласи: „Членот 62-а се брише“.

Член 62-а ст.1 и ст.2 од Законот за градење гласат:

(1) Надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење можат да извршат увид во документацијата.

(2) Доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење, одобрението за градење станува правосилно.

Со носењето на член 9 Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на РСМ бр.87/25), се брише законската обврска со која облигаторно беше постапувањето на надлежниот орган што го донел одобрението за градење, кој во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење е должен да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението и да им овозможи во рок од 15 дена од денот на издавањето на одобрението за градење да можат да извршат увид во документацијата, односно во предвидениот рок да можат да поднесат и жалба против одобрението за градење.

Во член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на РСМ бр.87/25) е наведено дека започнатите постапки согласно член 62-а од Законот за градење, до денот на влегување во сила на овој закон, ќе продолжат согласно одредбите од овој закон.

Зачудува носењето на ваквите одредби во Законот, кои може да доведат до поведување на постапки пред Уставниот суд на РСМ или постапки пред меѓународни судови, од причина што се ускратува правото на увид во документација и правото на вложување на жалба од непосредните соседи на градежната парцела за која се носи одобрение за градење, ако се има предвид дека една од темелните вредности на уставниот поредок на РС Македонија е правната заштита на сопственоста, наведена во член 8 од Уставот, додека со член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Leave a Reply