На почетокот на 2025 година, австриски бизнисмен Kleindienst повел постапки за престанок на важење на трговските марки James Bond за територија на Обединетото Кралство и Европа, по основ на нивно некористење, за период подолг од 5 години. Danjaq, компанијата одговорна за управување со правата на најпознатиот „светски шпион“, e носител на повеќе регистрирани трговски марки „Џејмс Бонд“, за територија на ЕУ, покривајќи широк спектар на производи и услуги.
Имено, во случај кога носителот на регистрирана трговска марка не ја користи трговската марка за производите/услугите за кои е побарана заштита, во период од пет последователни години, други можат да ја оспорат нејзината важност. Подносителот на барањето за престанок тврди дека Danjaq не ги користи доволно трговските марки Џејмс Бонд за производите и услугите за кои се регистрирани. За да ги сочува своите права од регистрирани трговски марки, Danjaq мора да обезбеди докази за активна употреба најдоцна до 15 април. Доколку не успеат, ЕУ трговски марки JAMES BOND ќе престанат да важат поради некористење, што подразбира дека истите ќе бидат слободни за користење од страна на трети лица.
Вистинската мистерија е зошто Kleindienst тргнува по името на Џејмс Бонд. Имено, подносителот на барањето за престанок поради некористење има планови за употреба на брендот Џејмс Бонд во врска со неговиот последен проект „Срцето на Европа“ – екстравагантно луксузно одморалиште покрај брегот на Дубаи, инспирирано од европската архитектура и култура.
Од извршено пребарување во регистарот на трговски марки на Емиратите, утврдено е дека Kleindienst поднел повеќе барања за регистрација на трговска марка Џејмс Бонд кон крајот на 2024 година, покривајќи класи кои опфаќаат недвижен имот, забава и угостителство.
Danjaq има предходни права од трговски марки Џејмс Бонд во ОАЕ, но само за козметика. Останува неизвесно дали таа ограничена заштита би била доволна за да го спречи Kleindienst да го користи името за неговото луксузно одморалиште. Неговиот обид за елиминација на регистрираните трговски марки на Danjaq за територија на ЕУ се толкува како стратешки потег со цел тој да може слободно да го промовира и продаде своето одморалиште во Дубаи означено со Џејмс Бонд на европските инвеститори.