Измени на законот за заштита на потрошувачите

Во Службен весник бр. 49 на Рeпублика Северна Македонија од 04.03.2025 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите. Согласно одредбите на законот, истиот влегува во сила со денот на објавување во Службен весник.

Целта на донесувањето на Законот е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди поголема информираност на потрошувачите за цените на производите,  како и можност за потрошувачите да вршат споредливоста на цените кај различните трговци. Со ваквото законско решение се очекува да се допринесе кон намалување на цените, зголемувањето на транспарентноста на трговците кон потрошувачите, како и спречување на нефер трговски практики и злоупотребата на пазарот.

Со донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите се пропишува задолжителна обврска за трговците да ја објавуваат на своите веб-страници единечната цена на секој артикал што го нудат на продажба. Оваа обврска се однесува за сите трговци (мали, средни и големи трговци) кои вршат дејност – Трговија на мало при што трговците кои имаат обврска да ги објавуваат цените на своите стоки кои ги нудат за продажба се должни да го усогласат своето работење во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со новите законски измени, има промена и во делот на прекршочните одредби во Законот за заштита на потрошувачите при што се пропишани задолжителни глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од законот, а предвидени се и промени на овластувањата што ги имаат инспекторите од Државниот пазарен инспекторат над спроведувањето на одредбите на законот.