Од неодамна на веб-страницата на американскиот синџир на супер маркети Walmart осамна чанта која многу потсека на иконската Биркин (Hermès Birkin). Основните карактеристики на чантата на Walmart е нејзината ниска цена и широката достапност, кои карактеристики не се инхерентни за иконската Биркин (Hermès Birkin). Сепак, од аспект на правото на интелектуална сопственост, основано може да се постави прашањето дали станува збор за копија, имитација или оригинален дизајн на Walmart и дали постои опасност Walmart да одговара за повреда на правата од интелектуална сопственост на Hermès.
Практичарите во областа на интелектуалната сопственост се запознаени со фактот дека иконската Биркин (Hermès Birkin) е заштитена од страна на производителот со сите достапни права од интелектуална сопственост како целина, но и нејзините поединечни делови, вклучувајќи трговска марка, индустриски дизајн, трејд дрес.
Имитација, во смисла на англискиот збор „dupe“, генерално се однесува на ставка инспирирана или слична на луксузен производ, но не и точна копија. Додека имитацијата има за цел да ја долови суштината на луксузот без соодветната цена, таа често оди на тенка линија помеѓу законската инспирација и повреда на правото на интелектуална сопственост. Прашањето дали т.н. имитација е во рамките на законски дозволеното, доколку се оценува според законите на Соединетите Американски Држави (кои не бараат да биде точна копија) треба да се разгледува од неколку аспекти: веројатност од создавање на забуна, можноста за разводнување на брендот (трговската марка) и значителната сличност помеѓу призводите. Значајна улога има и означувањето на чантата која на веб страницата на Walmart е карактеризирана како „кожна чанта“ и никаде не се прави референција на името Биркин (Hermès Birkin).
Дали Hermès ќе се одлучи да поведе спор против Walmart во Соединетите Американски Држави или ќе остави кожната чанта на ко-егзиситра со иконската Биркин (Hermès Birkin), останува да покаже времето.