Собранието на Република Северна Македонија го донесе новиот Закон за минимален глобален данок на добивка кој е објавен во Службен весник бр. 3 од 03.01.2025г.
Со законот се уредуваат мерки за обезбедување минимално ефективно оданочување на добивката на групи на мултинационални компании и големи домашни групи, составни субјекти, начин на пресметување на ефективната даночна стапка, пресметка на даночната основа и даночната обврска на дополнителен данок, исклучени субјекти, постапка за прибирање информации за составни субјекти и начинот на поднесување на пријавата и плаќањето на дополнителниот данок со цел пресметување и плаќање на минимален глобален данок на добивка.
Целта на донесување на Законот за минимален глобален данок на добивка е усогласување со Директивата на Советот (ЕУ) 2022/2523 од 14 декември 2022 година за обезбедување на глобално минимално ниво на оданочување за групи на мултинационални компании и големи домашни групи во Унијата.
Законот за минимален глобален данок на добивка се применува на составни субјекти кои се членови на група на мултинационални компании или на голема домашна група, чијшто годишен приход во консолидираните финансиски извештаи на крајната матична компанија во најмалку две од четири фискални години кои непосредно претходат на тестираната фискална година изнесува 750.000.000 евра или повеќе. Согласно одредбите од законот, со овој закон ќе бидат опфатени матичните компании и нивните поврзани субјекти кои го исполнуваат условот за остварениот праг на приходи. Оние компании кои оствариле приходи под прагот (помалку од 750 милиони евра приходи), исклучените субјекти пропишани со овој закон (јавен субјект, меѓународна организација, непрофитна организација, пензиски фонд, инвестициски фонд) како и компаниите кои го исполнуваат т.н „de minimis исклучок“, не подлежат на обврската за плаќање на дополнителен данок.
Минималното ефективно оданочување на добивката на субјектите се обезбедува со примена на правилата за плаќање на дополнителен данок, утврдени според одредбите на законот, и тоа:
а) правило за утврдување на квалификуван домашен дополнителен данок, согласно кое се пресметува и плаќа дополнителен данок за вишокот добивка на сите составни субјекти кои подлежат на ниска даночна стапка и се наоѓаат во Република Северна Македонија;
б) правилото за вклучување на добивката, според кое матичната компанија на групатa на мултинационални компании или на голематa домашна група го пресметува и плаќа својот доделен дел од дополнителниот данок во однос на составните субјекти на групата кои подлежат на ниска даночна стапка;
в) правилото за помалку оданочена добивка, според кое составен субјект на група на мултинационални подлежи на дополнителен данок еднаков на неговиот дел од дополнителниот данок што не бил наплатен врз основа на правилото за вклучување на добивката за составни субјекти на групата кои подлежат на ниска даночна стапка.
Со пропишувањето на обврска за плаќање квалификуван домашен дополнителен данок се заштитува даночната основа во Република Северна Македонија, со оглед на тоа дека преку пропишување на даночна обврска за составните субјекти на мултинационалните компании кои вршат дејност во Република Северна Македонија, дополнителниот данок ќе се наплати во нашата земја, а не во земјата каде што мултинационалната компанија има седиште.