Европскиот суд за човекови права донесе Пресуда со која се утврдува повреда на правото на правично судење сторена од страна на Северна Македонија против полската компанија NDI Sopot S.A.
Станува збор за повреда на правото на правично судење во две постапки за признавање и извршување на странска арбитражна одлука донесена во корист на полската компанија, а против македонска компанија, кои на предлог на полската компанија биле поведени пред македонските судови. Меѓутоа, и во двата случаи, Основниот граѓански суд Скопје донел Пресуди со кои се одбива Предлогот за признавање и изршување на странската арбитражна одлука.
Во првата постапка, Основниот граѓански суд Скопје го одбил предлогот како резултат на фактот што постоеле сомневања за независноста и непристрасноста на еден од арбитрите поради негова поврзаност со едно од лицата што учествувале во склучување на Договорот од кои произлегол арбитражниот спор, што е спротивно на јавниот поредок на државата во која се бара признавањето. Дополнително, македонскиот суд утврдил дека предлагачот не доставил доказ дека арбитражната одлука е правосилна и извршна што е задолжнително согласно Законот за меѓународно приватно право.
Ваквата првостепена одлука била обжалена од страна на предлагачот (полската компанија), меѓутоа Апелациониот суд Скопје утврдил дека првостепениот суд правилно постапувал и ја потврдил неговата одлука.
По правосилноста на одлуката, предлагачот, откако дознал за поврзаност помеѓу сопругот на еден до судиите и противникот (тужениот во арбитражната постапка), поднел предлог за повторување на постапката, меѓутоа и овој предлог бил одбиен од страна на македонските судови.
Дополнително, NDI Sopot S.A. повела уште една арбитражна постапка против истата македонска компанија, должник, неповрзана со првата постапка и по добивање на арбитражна одлука, повторно поднела предлог за признавање и извршување на новата арбитражна одлука, меѓутоа и во таа постапка завршила со одбивање на поднесениот Предлог.
Од овие прчини, полската компанија повела постапка пред Европскиот суд за човекови права, упатувајќи на повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, односно повреда на правото на фер судење.
ЕСЧП, постапувајќи по поднесената апликација, а ценејќи ги наводите изнесени од страна на апликантот и од страна на државата, донел Пресуда со која се утврдува поднесената апликација е уредна и дозволена, дека поврзаноста на сопругот на еден од судиите кои постапувале во второстепената постапка со правното лице противник претставува повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата како и дека домашните судови не успеале да дадат соодветен одговор на Предлогот на предлагачот, не ги земале предвид и не ги ценеле наводите изнесени од страна на предлагачот, што придонело до тоа одлуките на судовите да не содржат соодветно образложение и да не бидат поткрепени со соодветни докази.
ЕСЧП исто така ја задолжил Северна Македонија да и исплати на полската компанија износ од 3.600 евра како претрпена штета и 15.000 евра како трошоците на постапката во рок од три месеци по правосилноста на одлуката.