Имот стекнат во брак (заеднички имот) и спроведување на оставинска постапка

Согласно Законот за наследувањето, оставината на умрениот ја наследуваат пред сите неговите деца и неговиот брачен другар и тие наследуваат еднакви делови (прв наследен ред).

Понатаму, Законот за наследувањето предвидува дека оставината на умрениот кој не оставил потомци ја наследуваат неговите родители и неговиот брачен другар. Оттука, кога брачниот другар се јавува како наследник во вториот наследен ред, заедно со родителите на оставителот, родителите на умрениот наследуваат една половина од оставината на еднакви делови, а втората половина ја наследува брачниот другар на умрениот.

Исто така, Законот за сопственост и други стварни права, во членот 67 предвидува дека имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот.

Законот за сопственост и други стварни права предвидува и дека за време траењето и по престанокот на бракот, брачните другари можат спогодбено да го поделат заедничкиот имот. Со делба на заедничкиот имот на брачните другари настанува режим на посебен имот.

Имено, при спроведување на оставинска постапка, во случај на смрт на еден од брачните другари, нотарот како повереник на судот треба да го поучи надживеаниот брачен другар дека има право на издвојување на една половина идеален дел по основ на имот стекнат во брачна заедница, со заеднички придонес (заеднички имот). Оттука, доколку надживеаниот брачниот другар побара издвојување на својот дел од заедничкиот имот, во тој случај предмет на расправање во оставинска постапка ќе биде само делот од заедничкиот имот на брачниот другар кој починал.