Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија ги објави статистичките наоди поврзани со повредата на авторските права во државите членки на Европската Унија за периодот од 2017 до 2023 година.
Резултатите од истражувањето главно се фокусирани на пиратството, и тоа пиратство со телевизија, филмови, музика, публикации, софтвер, спортски и други настани во живо, а како новина во овој извештај вклучено е и испитување на пиратството со Интернет протокол телевизија (ИПТВ) како резултат на нејзиното зголемено учество на пазарот.
Истражувањето покажало дека сѐвкупното пиратство е стабилизирана на околу 10,2 пристапувања по интернет корисник месечно.
Во однос на пооделните категории, интересно е да се забележи дека пиратството со телевизија, во земјите членки на ЕУ за 2023 година е стабилизирано на 5,1 пристапувања по интернет корисник месечно, со тоа што овој број варира во различни земји членки. Помеѓу факторите што влијаат врз пиратството со телевизија, истражувањето покажало дека невработеноста кај млади има намалувачко влијание врз пиратството, најверојатно како резултат на фактот што невработените млади живеат заедно со своите родители, кои што пак на законит начин обезбедуваат пристап до телевизија. Наспроти тоа, како еден од главните фактори што довел до зголемување на пиратството била КОВИД-19 кризата.
Кога станува збор за пиратството со филмови, истажувањето покажало тренд на негово намалување за 25% во 2023 година, со просечно 0,9 пристапувања по интернет корисник месечно. Во однос на факторите што влијаат врз овој вид на пиратство, бројките покажуваат дека зголемувањето на БДП по глава на жител и поголемата запознаеност со можностите за пристап до филмови на законит начин доведуваат до намалување на филмското пиратство, но невработеноста помеѓу младите влијае на нејзино зголемување.
За пиратството со музика карактеристично е најниска стапка на пристапувања по интернет корисник месечно, која изнесува 0,6 пристапувања, иако оваа бројка варира во различни земји членки на ЕУ. Како еден од главните фактори што влијаат врз зголемување на пиратството со музика се наведува високиот Џини коефициент, односно големата раслоеност и разлики во приходите помеѓу населението и тенденцијата на попустлив однос на младите кон пиратството.
Пиратството со публикации во земјите членки на ЕУ во 2023 година стагнирало на просечни 2,7 пристапувања по интернет корисник месечно, со големи варијации помеѓу земјите членки на ЕУ. Јапонските стрипови – манга се жанр до кој интернет корисниците најчесто пристапувале, а високиот Џини коефициниент, односно големата раслоеност исто така се наведува како еден од основните фактори што влијае на зголемување на пиратствотo со публикации.
Пиратствотo со софтвер во рамки на ЕУ забележалo раст од 6% во 2023 година, со просечни 0,9 пристапувања по интернет корисник месечно. Најчесто, овие прибегнувања кон пиратство опфаќаат пристап до видео игри, а попустливиот однос и наклонетоста на младите кон пиратство, дополнето со големата раслоеност во одделни земји членки на ЕУ се главни фактори што влијаат на пиратствотo со софтвер.
Пиратствотo со спортски и други настани во живо во земјите членки на ЕУ го достигналo врвот во октомври 2022 година, со 0,75 пристапувања по интернет корисник месечно, додека до крајот на 2023 истатo се намалилo на 0,53 пристапувања по интернет корисник месечно. Истражувањето дава неколку фактори што имаат влијание врз од оваа категорија на пиратство, меѓу кои релативно ниска понуда во земјите со помал БДП по глава на жител, висока побарувачка во побогатите земји што доведува до значително зголемување на цените, но и незаинтересираност на корисниците што веќе имаа претплати на различни платформи и апликации.
Што се однесува до пиратствотo со интернет протокол телевизија, иако податоците се скудни, сепак истражувањето покажало дека во 2023 година постои тренд на негово зголемување, односно 2,14% од корисниците на интернет посетувале веб-страници поврзани со пиратство месечно.
Иако во некои сфери може да се забележи намалување на пиратството и генерално намалување на повредите на авторските права, сепак овој проблем и понатаму останува актуелен особено во државите каде што населението е релативно сиромашно. Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија, но и другите надлежни меѓународни и државни институции и тела продолжуваат со нивните активности во насока на намалување или целосно спречување на ваквите злоупотреби и овозможување на користење на добрата и услугите на законит начин.