Европскиот парламент и Европскиот совет на ден 13.06.2024 година донесоа Регулатива (ЕУ) 2024/1689 со која за првпат се уредува правната рамка за вештачката интелигенција како и ризиците кои произлегуваат од неа. На ваков начин, Европската Унија има водечка улога на глобално ниво во регулирањето на материјата која се однесува на оваа област.
Законот за вештачка интелигенција Регулатива (ЕУ) 2024/1689 ги поставува јасните граници во врска со барањата и обврските за употребата на вештачката интелигенција, а воедно ги намалува административните и финансиските оптоварувања на бизнисите, особено на малите и средните претпријатија.
Регулативата (ЕУ) 2024/1689 е дел од поширок пакет мерки за политика за поддршка на развојот на доверлива вештачка интелигенција, која исто така ги вклучува и пакетот за иновации за вештачка интелигенција и координираниот план за вештачка интелигенција. Заедно, овие мерки ја гарантираат безбедноста и доверливоста на основните права на граѓаните и бизнисите кога станува збор за вештачката интелигенција. Тие, исто така, го зајакнуваат прифаќањето, инвестициите и иновациите во вештачката интелигенција низ ЕУ.
Вештачката интелигенција има потенцијал да ги промени досегашните начини на работа и живеење и нуди огромни придобивки за граѓаните, општеството и европската економија. Покрај предностите кои ги нуди вештачката интелигенција, мора да се напомене дека истата доведува до бројни ризици. Токму поради тоа со донесениот Закон се воспоставуваат стандарди за обезбедување минимален ризик при користењето на системите за вештачка интелигенција и за нивна целосна транспарентност.
За оние системи за вештачка интелигенција што се идентификувани како високоризични се предвидени строги барања, кои меѓу другото вклучуваат и мерки за намалување на ризикот, евиденција на активностите, комплетна документација, човечки надзор и кибер безбедност. Во оваа високоризична група меѓу другите се вклучени и системите за вештачка интелигенција што се користат за утврдување или проценка дали некој субјект има право да добие кредит, како и алгоритмите кои управуваат со автономни роботи.
Со Законот се забранува користење на системи за вештачка интелигенција кои се сметаат за „јасна закана за основните човекови права“, како што се апликации за манипулирање со однесувањето на луѓето, играчки кои со гласовна помош можат да поттикнат „опасното однесување“ на малолетниците, како и системи кои овозможуваат „социјално оценување“ од страна на владите или компаниите. Дополнително, се забранува употреби на системи за препознавање емоции на работното место, за категоризација на луѓе или за биометриска идентификација на далечина во реално време.
Законот за вештачка интелигенција воведува обврски за транспарентност за сите модели на вештачка интелигенција за општа намена за да овозможи подобро разбирање на овие модели и дополнителни обврски за управување со ризик за многу способни и влијателни модели. Овие дополнителни обврски вклучуваат самопроценка и ублажување на системските ризици, известување за сериозни инциденти, спроведување на тестови и проценки на модели, како и барања за сајбер безбедност.
Бидејќи вештачката интелигенција е технологија која брзо се развива, регулативата има пристап кој дозволува правилата да се прилагодат на технолошките промени. Од овие причини, Европската канцеларија за вештачка интелигенција формирана во февруари 2024 година во рамките на Комисијата, го надгледува спроведувањето на Законот за вештачка интелигенција во насока на почитување на човечкото достоинство, права и доверба.