Практиканстка работа согласно Законот за практиканство

Со Законот за практиканство, се уредува постапката и условите за остварување на практикантство, правата и обврските на практикантот и на работодавачот кај кој се реализира практикантската работа, договорот за практикантска работа и евиденцијата на практикантска работа.

Согласно овој Закон, „Практиканство” е работна активност којашто вклучува компонента на работа преку учење и здобивање на практични работни вештини, која се реализира во ограничен временски период, со цел стекнување на практично и професионално искуство, за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување.

Особно важно е да напоменеме дека под поимот „практикантството“ не се подразбира вршење на:

– приправнички стаж,

– волонтерски стаж и

-пробна работа (сите 3 категории опфатени со Законот за работните односи), како и

-обука, преквалификација и доквалификација согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

Практикантската работа подрзабира ограничен период поминат на пракса на практикант кај одреден работодавач, при што практикант може да е секое физичко лице кое врши практикантска работа кај работодавач со цел да се стекне со практични знаења и вештини што ќе му помогнат да ја подобри вработливоста на пазарот на трудот и кое ги исполнува условите утврдени Законот за практиканство, додека работодавач подразбира правно или физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кој вработува работници врз основа на договор за вработување.

Практикантот, треба да ги исполнува следниве услови:
– да не е во работен однос,
– да не е постар од 34 години и
– да има завршено најмалку основно образование.

Времетраењето на практикантската работа е органичено, односно едно исто лице може да врши практикантска работа кај ист работодавач само еднаш, и тоа најмногу шест месеци. 

Работодавачот, исто така, има ограничување на бројот на практиканти кои може да ги ангажира, а кој број зависи од бројот на вкупно вработени лица кај работодавачот.

За вршење на практикантска работа, задолжително се склучува Договор за практикантска работа. Законот предвидува и ограничување за кои работи не може да се склучи ваков договор, односно Договор за практикантска работа не може да се склучи за вршење на работи и задачи за конкретно постојно работно место, за кое може да се склучи договор за вработување, односно практикантот не може да обавува редовни работни обврски, како и Договор за практиканска работа не може да се склучи со лице кое претходно било вработено кај ист работодавач или друг работодавач за работно место со исти или слични работни задачи како практиканска работа и работниот однос да траел не помалку од три месеци.

Практикантот за време на практикантската работа кај работодавачот има право на месечен надоместок кој се исплаќа од страна на работодавачот.

За времетрање на практикантската работа, работата на практиканот ја следи ментор кој мора да биде лице вработено кај работодавачот кое е задолжено за организирање на практикантската работа и следење на напредокот на практикантот и кое го осигура остварувањето на целите за учење за време на практикантската работа.