Тужбите против Johnson & Johnson за бебешка пудра која содржи талк во САД

Тужбите поврзани со производите за бебешка пудра кои содржат талк, како и други производи кои во составот имаат талк од компанијата Johnson & Johnson станаа едни од најзначајните правни битки во последните години во САД, поставувајќи клучни прашања во врска со безбедноста на потрошувачите и корпоративната одговорност и етика, во глобални рамки.

Имено, познатиот гигант Johnson & Johnson врши маркетинг на своите производи кои содржат талк со децении, притоа потенцирајќи дека се работи за безбедни производи за нега на бебиња и лична хигиена. Меѓутоа, по појавувањето на информации за производство и пуштање во продажба на производи кои содржат талк кој наводно е контаминиран со азбест, кој е познат канцероген, од почетокот на 2000-те години во САД започнаа да се поднесуваат тужби против Johnson & Johnson, пред се од жени кои тврдат дека продолжената употреба на талк придонела за нивните дијагнози на рак на јајниците.

Тужбите опфаќаат различни правни побарувања, врз основа на различни правни основи и тоа:

  1. Одговорност: Дел од тужителите тврдат дека Johnson & Johnson не успеала да ја обезбеди сигурноста на своите производи, обвинувајќи ги за крајна небрежност и неодговорност кон крајниот потрошувач.
  2. Нема предупредување: Дел од тужителите тврдат дека Johnson & Johnson не ја предупредил јавноста, односно не ги предупредул потрошувачите за потенцијалните ризици поврзани со употребата на талк.
  3. Лажно претставување: Некои тужители тврдат дека Johnson & Johnson ги довел во заблуда потрошувачите во однос на безбедноста на своите производи, што довело до несакани здравствени ризици.

Еден од најзначајните судски процеси кој е поведен против Johnson & Johnson е и таканаречениот Мисури Процес (Missouri Trials). Во 2018 година, поротата, односно судот досудил паричен надоместок од 4.7 милијарди долари за 22 жени – тужители и оштетени во процесот, особено наведувајќи ја небрежноста од страна на тужениот Johnson & Johnson. Но, жалбите вложени од страна на тужениот довеле до намалување на досудениот паричен надомест, со што се истакнала сложеноста на докажувањето на причинско-последичната врска за настанувањето на штетата.

Истовремено, додека правните битки продолжуваат, научната заедница останува поделенa во однос на безбедноста на талкот кој се користи во производите. Некои студии сугерираат врска помеѓу употребата на производи со талк и рак на јајниците, додека други не пронаоѓаат значајни докази. Дел од студиите кои не пронаоѓаат врска помеѓу производите со талк и предизвикувањето на здравствени проблеми, одат во корист на тужениот Johnson & Johnson, кој тврди дека нивните производи со талк се безбедни, односно нивните внатрешните истраги утврдиле утврди дека производите се целосно безбедни и истите не се контаминирани со азбест.

Како одговор на тужбите со кои се соочува компанијата,  во 2020 година Johnson & Johnson објави дека ќе ја прекине продажбата на својата бебешка пудра која содржи талк во Северна Америка. Воедно, големиот број на тужби во кои се наведуваат сериозни здравствени обвинувања, ги зголемија и повиците од тужителите и потрошувачите за регулаторно испитување и зголемен надзор од страна на национални институции над производите кои се пуштаат во оптег.

Имено, во овој момент Johnson & Johnson се соочува со тужби од повеќе од 62,000 тужители кои тврдат дека нивната бебешка пудра која содржи талк, како и други производи кои содржат талк биле контаминирани со азбест и предизвикале рак на јајниците и други видови на рак. Како резултат на тужбите, односно на големите парични надоместоци кои судот ги досудува на тужителите, а со цел понатамошно сопирање на овие тужби, подружницата на Johnson & Johnson, Red River Talc на ден 20.09.2024 година поднесе барање за поведување на постапка на банкрот во надлежен федерален суд во Хјустон. Истовремено гигантот се обидува да постигне порамнување во износ од околу 10 милијарди долари, кое би ги опфатило и завршило десетиците илјади тужби, со кои се тврди дека талкот и другите производи кои содржат талк на компанијата се предизвикувачи на рак.

Противниците на ова барање за банкрот, главно адвокати на тужителите и потенцијални оштетени, тврдат дека Johnson & Johnson преку нејзините подружници манипулира со процесот на банкрот, за да ги минимизира легитимните побарувања на тужителите/оштетените. Ако Johnson & Johnson или нејзини подружници успеат во третиот обид за банкрот, судиите за банкрот можат да наметнат глобални порамнувања кои трајно ќе ги запрат сите поврзани тужби и ќе забранат вложување на нови тужби.

Тужбата против производите кои содржат талк на Johnson & Johnson го истакнуваат критичниот пресек во кој влегуваат јавното здравје, корпоративната етика, правните мислења и безбедноста на потрошувачите. Во секој случај, со тужбите се нагласува потребата за поголема транспарентност и одговорност во индустријата за потрошувачки производи, а со сигурност може да се очекува дека резултатите од овие правни процеси веројатно ќе влијаат не само на практиките на Johnson & Johnson, туку и на носење на пошироката законска рамка која ќе се однесува на безбедноста на сите производи во иднина, на глобално ниво.