На 20 септември 2024 година, арбитражниoт суд на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) донесе одлука со која заврши четиригодишниот инвестициски спор помеѓу американската компанија Vercara LLC (со претходен назив Neustar, Inc), како инвеститор и Република Колумбија, како држава-домаќин.
Во 2020 година, Vercara LLC повела инвестицски арбитражен спор пред ICSID, барајќи од државата-домаќин Република Колумбија надомест на штета во висина од 350 милиони долари, како резултат на повреда на Договорот за промоција на трговија склучен помеѓу САД и Колумбија. Имено, тужителот, пред арбитражниот суд истакнал дека договорот за концесија за управување со „.co“ доменот склучен помеѓу Vercara LLC и Република Колумбија со важност од 2009 до 2019, согласно законските и договорните одредби предвидува можност за автоматско продолжување за уште десет години, со што Vercara LLC би требала да остане носител на концесијата за управуање со доменот до 2029 година. Дополнително, тужителот истакнал дека во постапката за обновување на концесијата за управување со доменот „.co“, што Република Колумбија ја започнала во 2020 година, спротивно на Договорите, државата-домаќин ги повредила начелата на фер постапување и транспарентност на начин што распишала тендер во кој поставила такви услови што го направиле невозможно учеството на Vercara LLC и дозволувале учество само на компанија што е еден од најголемите конкуренти на Vercara LLC.
Наспроти ваквите тврдења на инвеститорот, Република Колумбија, како тужен, истакнала дека воопшто не постои надлежност на ICSID за решавање на овој спор, но и во случај да се утврди постоењето на надлежност, тужбеното барање треба да биде одбиено како неосновано. Во однос на надлежноста, тужениот истакнал дека со инцирање на постапка пред надлежните државни судски органи во Колумбија, тужителот го изгубил правото за истиот спор да иницира арбитражна постапка. Исто така, тужениот како основ за непостоење на надлежност на арбитражниот суд да го решaва овој спор ги истакнал и сомнежите во однос на тоа дали станува збор за „инвестициски спор“ како и преуранетоста на поднесената арбитражна тужба. Во однос на основаноста на истакнатото барање, тужениот барал од арбитражниот суд истото да го одбие како неосновано, истакнувајќи дека државата-домаќин овозможила фер и праведен третман на инвеститорот, а инвеститорот не успеал да докаже постоење на дискриминација и повреда на одредбите од Договорите.
Aрбитражниот суд, по спроведената постапка, разгледување на писмените поднесоци и одржување на усно рочиште, одлучил во корист на тужениот, Република Колумбија. Она што е важно да се напомене е дека арбитражниот суд одлучил дека не постои негова надлежност за решавање на овој спор и ги одбил како неосновани сите наводи истакнати од тужителот во однос на суштината на тужбеното барање, со што тужениот, Република Колумбија избегнал обврска за плаќање на 350 милиони евра како штета претрпена од страна на инвеститорот.