Закон за игрите на среќа и за забавните игри

На ден 06.09.2024 година на седница на Законодавно правната комисија и Комисијата за финансирање на буџет членовите на Комисиите расправаа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. По спроведената расправа и двете Комисии одлучија да го отфрлат Предлогот на закон и истиот да не биде проследен за понатамошно постапување.

Во споредба со важечкото законско решение, новите измени согласно Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри предвидуваа:

  • Со член 1 од Предлогот на законот било предложено прецизирање во однос на тоа што се подразбира под деловна просторија погодна за организирање на игри на среќа при што се предвидува дека игри на среќа може да се организираат исклучиво во простории сместени во хотели со 5* категоризиран, кои за да може бидат отворени мора да исполнат и дополнителни услови пропишани од Министерот за финансии, и
  • Во членот 11 од Предлогот на законот било предвидено дека сите приредувачи на игри на среќа кои на своите деловни простории истакнуваат назив, реклами, објави и огласи на јавни места поврзани со работењето на казината, обложувалниците, автомат клубот и томбола од затворен тип, потребно е да плаќаат месечен надомест во износ од 200 евра во денарска противвредност за секој м2 од површината на која се наоѓа називот, реклата, објавата и огласот. Значајно е да се напомене дека доколку овој Предлог закон беше усвоен од страна на Собранието, наведениот надомест кој би бил уплатен од страна на приредувачите на игри на среќа на посебна сметка на општината на чија територија се наоѓа деловната просторија, би се користеле за поддршка на спортот и спортските активности на општината, лицата со посебни потреби, инвалидските организации и здруженијата на граѓани за борба против семејното насилство.

Според предлагачите целта на неприфатениот Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри е да се спречи отворањето на деловните простории за организирање игри на среќа и забавни игри во близина на непосредна близина на основни и средни училишта, верски објекти, установите од областа на детската заштита, заштитата на лица со интелектуална или телесна попреченост.

Имајќи во предвид дека ваквиот Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри не беше прифатен од страна на надлежните Комисии при Собранието на Република Северна Македонија, останува во иднина да видиме како ќе биде регулирана законската материја од оваа област.