Целта на Актот за регулирање на дигиталните пазари (Digital Markets Act/DMA) е да се обезбеди конкурентност и фер игра на пазарот на дигиталните услуги. Актот ги регулира односите на големите дигитални платформи кои се јавуваат во улога на „чувари“, со цел намалување на влијанијата кои тие ги имаат во дигиталната економија и овозможување на пазарен пристап како за бизнисот, така и за крајните потрошувачи.
Почнувајќи од септмеври 2023 година до денес на повеќе наврати Европската Комисија ги означи услугите на клучните платформи на Епл и тоа потенцирајќи ги Ап Сторе (App Store), ИОС (iOS), ИПАДОС (iPadOS) и Сафари (Safari). Ова всушност значи дека Епл има обврска да ги усогласи во целост своите постапувања во делот на интероперабилноста согласно Актот.
На 19.09.2024 година Европската Комисија започна две посебни постапки со кои ќе му асистира на Епл во обезбедување на интероперабилноста која е предвидена за неговите платформи согласно Актот за регулирање на дигиталните пазари. Овие две постапки всушност претставуваат официјализација на дијалогот помеѓу Европската Комисија и Епл и имаат за цел обезбедување на усогласеност со Актот и прописите од областа на заштитата на конкуренцијата.
Првата специјална постапка се однесува на карактеристиките и функционалностите на поврзување на ИОС, пред се користени за и од поврзаните уреди. Втората специјализирана постапка се фокусира на процесот кој Епл го има поставено за да ги адресира прашањата на интероперабилност од девелопери и трети лица за ИОС (iOS) и ИПАДОС (iPadOS), односно да се провери дали овој процес е транспарентен, навремен и фер.
Според Европската Комисија, оваа постапка треба да се заврши во наредниот период од 6 (шест) месеци и за прогресот ќе бидат објавувани прелиминарни извештаи. Ова не значи дека Европската Комисија се има откажано од правото да изрече соодветни казни и санкции ако утврди и понатамошна неусогласеност со одредбите на Актот.