Во членот 54 од Законот за работните односи е предвидена можност за склучување на посебен вид на договор за вработување, врз основа на кој се вработуваат деловните лица -менаџери, па поради тоа овој договор се нарекува уште и менаџерски договор.
Законски основ на овој вид на договор е Законот за трговските друштва односно членовите 350, 365 и 366 кои го определуваат менаџерскиот договор како специфичен формално-правен модел за уредување на работно правниот статус на менаџерите: извршните членови на одборот на директорите, на членовите на управниот одбор и на управителите. Со овие членови од Законот за трговските друштва е уредено и прашањето за наградување на менаџерите. Оттука, членот 54 од Законот за работните односи во однос на Законот за трговските друштва претставува упатна норма во врска со менаџерските договори, со која се дава можност одредени права, обврски и одговорности од работен однос за одделни прашања двете договорни страни поинаку да ги уредат со менаџерскиот договор.
Менаџерски договор е договорот што го склучува друштвото и член на органот на управување, а кој во Законот за трговските друштва е определен како Договор за уредување на односите меѓу извршен член на одборот на директори, член на управниот одбор односно управителот и друштвото.
Менаџерскиот договор е и договор со кој се уредува работниот статус на раководните лица во друштвото, како договорот за уредување на односнот меѓу органот на управување и раководното лице.
Менаџерскиот договор се разликува од Договорот за вработување по тоа што со Менаџеркиот договор страните можат поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите од работниот однос отколку што тоа го предвидува Законот за работните односи, посебно во однос на: условите и ограничувањата на работниот однос на определено време, работното време, обезбедувањето на дневен и годишен одмор, плаќањето на работата и престанувањето на важноста на договорот за вработување.
Освен во членот 54 од Законот за работните односи, како што напоменавме оваа можност изворно произлегува од членот 366 од Законот за трговските друштва кој на дециден начин пропишува дека извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор односно управителот не се применуваат одредбите од колективните договори како и од Законот за работните односи што се однесуваат на: засновање и престанување на работниот однос, дисциплинската одговорност, платата, надоместоците и заштитата на правата на работниците.
Оттука, произлегува дека содржината на Менаџерскиот договор во поглед на уредноста на наброените прашања може значително да се отстапува од содржината на Договорот за вработување склучен согласно Законот за работните односи и колективните договори доколку менаџерот и друштвото така се договорат.
Менаџерот, правата и обврските од работен однос, за времето додека е именуван, односно избран на таа должност ги остварува кај работодавачот кај кого е именуван односно избран според одредбите на Законот за работните односи, Законот за трговските друштва, колективен договор и договорот за вработување.