Согласно одредбите од Законот за сопственост и други стварни права, имотот на брачните другари може да биде заеднички и посебен.
Посебен имот е имотот кој едниот брачен другар го имал во времето на склучувањето на бракот, како и правото врз имотот што брачниот другар ќе го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и стварите стекнати во бракот, а кои исклучиво служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари, доколку не претставуваат несразмерно голема вредност во споредба со вредноста на вкупниот заеднички имот. Секој брачен другар самостојно управува и располага со својот посебен имот.
Имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот. Заедничка сопственост е сопственост на брачните другари на неподелена ствар кога нивните делови се определиви, но не се однапред определени. Правото на сопственост на брачните другари врз недвижности кои се нивен заеднички имот се запишува во јавните книги на името на двајцата брачни другари како нивен заеднички имот. Ако во јавните книги како сопственик на заедничкиот имот е запишан само едниот од брачните другари ќе се смета дека уписот е извршен на името на двајцата брачни другари.
За времетраење на бракот и по престанокот на бракот, брачните другари можат спогодбено да го поделат заедничкиот имот, при што со делбата на заедничкиот имот настанува режим на посебен имот.
Ако не дојде до спогодба, делбата на заедничкиот имот, на барање на еден од брачните другари, судот ја врши во вонпарнична постапка. При утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот, судот тргнува од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови. По барање на еден од брачните другари, судот може да му определи поголем дел од заедничкиот имот, ако тој докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и значително е поголем од придонесот на другиот брачен другар.
При делбата на заедничкиот имот, по барање на брачниот другар, во неговиот дел првенствено ќе се внесат оние ствари од заедничкиот имот кои служат за вршење на неговата дејност. Исто така, од заедничкиот имот ќе се издвојат и ќе му се предадат на брачниот другар, покрај неговиот дел и оние ствари стекнати со работа во текот на брачната заедница кои служат исклучиво за негова лична употреба. Ако вредноста на овие ствари е несразмерно голема во однос на вредноста на сиот заеднички имот, ќе се изврши делба и на тие ствари, освен ако брачниот другар кој овие ствари би требало да ги добие, не ја надомести на другиот брачен другар соодветната вредност или на другиот брачен другар со негова согласност, не му отстапи други ствари.
Ако при делбата на заедничкиот имот се утврди дека на еден од брачните другари му припаѓа значително помал дел судот може на барање на еден од брачните другари да определи тој дел да му се надомести во пари.
Подароците што брачните другари си ги дале еден на друг пред склучувањето на бракот или во текот на бракот не се враќаат.
Битно е да се напомене дека не се делат само подвижните и недвижните ствари стекнати за времетраење на брачната заедница, туку и долговите кои настанале за времетраење на брачната заедница. На пример, ако за времетраење на брачната заедница е земен кредит, истиот претставува обврска стекната во брак и како таква треба да се вклучи во масата за поделба.