На владината седница одржана на ден 25 август, 2022, Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија која беше објавена во Службениот весник бр.188/22.
Ваквата Одлука не е изненадување со оглед на тоа што уште претходната 2021, Владата презема ваков чекор кога и ја донесе Уредбата за критериуми и услови за прогласување кризна состојба во ноември 2021 година (Службен весник бр.246/21, 300/21, 74/22), врз чија основа се носат и овие Одлуки.
Имено, и оваа последна Одлука е идентична со онаа од ноември 2021, но останува да видиме дали и сега, како што беше случајот кон крајот на 2021 година, Владата ќе донесе и прецизни Одлуки за преземање мерка за обезбедување на дополнителни количини елекрична енергија со кои го задолжи ТЕ-ТО АД Скопје да произведува енергија единствено за државата како единствен купувач и воспостави т.н. price cap на цената по која ТЕ-ТО АД ќе ја продава струјата.
Таквата Одлука се базираше врз основа на Уредбата – која пак иницијално Владата ја донесе врз основа на членот 14 став (1) од Законот за енергетика. Одредба која дава право на Владата подетално да ги утврди параметрите за прогласување кризна состојба, а со тоа и мерките кои би се преземале за митигирање и ублажување на таква кризна состојба.
Мора да се потенцира дека членот 14 став (3) од Законот за енергетика кој ги тангира мерките кои се утврдуваат со Уредбата, експлицитно посочува дека покрај привремениот карактер на мерките, тие треба во најмала мера да го ограничат или нарушат конкурентското работење на пазарите на енергија во државата и Европската заедница.
Владини Одлуки кои се однесуваат на одредено приватно лице, како што беше случајот со ТЕ-ТО АД Скопје, и дефинирање на околностите според кои ТЕ-ТО ќе мора да работи и продава, би можело да се смета дека го тангира прашањето на конкуренција и слободно конкурентско дејстување на пазарот. Дотолку што членот 14 став (4) од Законот за енергетика наложува на Владата (како дел од обврските согласно Договорот за Енергетска заедница), да го извести Секретаријатот на Енергетската заедница за мерките и ефектите од мерките кои биле преземени, а Секретаријатот би дал свое видување по тоа.
Дали Владата го направи овој чекор согласно Законот уште кога ги донесе првите Одлуки претходната година, не може со сигурност да се потврди бидејќи такви изјави од владини претставници не беа дадени. Воедно, тоа е интересно прашање како Европската заедница би согледала на ваква мерка, со оглед што Европската унија во тој период (а и сеуште иако има индикации дека може ќе се смени во блиска иднина) немаше воспоставено мерка за ограничување на цената на енергијата, т.н. price cap, туку останати мерки за ублажување на шокот.
Нејсе, во овој момент и последната Одлука за прогласување на кризна состојба на Владата, Владата утврди кризна состојба во рок од 30 дена. Познавачите, а сега веќе и широката јавност, сигурно очекуваат дека таква кризна состојба ќе биде предмет на продолжување во неколку наврати во оваа зимска сезона.
Оттука, останува да видиме дали Владата ќе започне да носи мерки и Одлуки кои ќе бидат насочени кон приватни компании во енергетскиот сектор и нивното работење и како истото ќе биде прифатено од страна на тие приватни компании и нивните правни тимови. Особено од влијание ќе биде и начинот на кој работите ќе се одвиваат во Европската унија, и на кој начин приватните компании кои дејствуаат на европскиот пазар ќе реагираат доколку ваков тип мерки се активираат.