Топ Ган „Маверик“, второто продолжение на блокбастерот од 1968-та година, генерираше 291 милиони долари за период од 2 недели и тоа само на америчкиот континент. Меѓутоа, покрај огромната публика, филмот привлече и правни елементи.
Законскиот носител на авторското право за филмот „Маверик“ е познатата продукциска куќа ‘Парамаунт’, која на 6 Јуни се доби со тужба за повреда на авторски права од страна на наследниците на Ехуд Јунај. Јунај, во 1983 ја напиша сторијата што претставуваше инспирација за креирање на оригиналниот Топ Ган, за кое Парамаунт уредно ги откупи авторските права за креирање на филмот, за што Јунај доби и официјално признание како инспирација за напишаното сценарио и адаптација на филмот.
Американскиот кодифициран федерален акт за авторски права (“Title 17 U.S.C”) ги регулира односите во врска со договорното искористување на авторските права меѓу субјектите. Оттука, членот 203(а)(3), стипулира дека раскинување на доделената лиценца за користење на авторските права, може да биде ефектуирана во периодот од 5 (пет) години – откако ќе изминат 35 (триесет и пет) години од моментот кога таквата лиценца била доделена.
Во конкретниот случај, врз основа на приговорот кој законските наследници на Јунај го доставиле до ‘Парамаунт’, раскинувањето стапило на сила на ден 24-ти Јануари, 2020 година. Ваквите наводи ќе доведат до разгледување на временската рамка, т.е., кога “Маверик“ започнал и престанал со снимање, дали пролонгирањето поради Ковид пандемијата има правни ефекти на временската рамка, и дали пролонгираното дистрибуирање на филмот поради пандемијата кое првично требаше да биде во 2020 година, но се одложи до 2022, влегува во релевантната временска рамка или не.
Оваа временско-фактичка евалуација и правната последица од истото, има огромна важност во релација на основите по кои се тврди повредата на авторско право согласно членот 106 од Федералниот акт на САД за авторски права. Членот 106, предвидува исцрпувачка листа од 6 (шест) ексклузивни права кои носителот на авторското право ги ужива, и врз чија основа може да поведе постапка за утврдување на нивна повреда. Во контекст на овој случај, тоа би значело дека репродукција на авторското дело-филмот (право бр.1), подготовка на изведени дела врз основа на авторското дело-филмот (право бр.2), или дистрибуција на авторското дело-филмот (право бр.3), се посебни основи кои временската рамка може различно да ги тангира, а со тоа и можноста наследниците да се повикаат на нив.
Овој случај исто така опфаќа и други прашања кои ќе бидат предмет на правна анализа. Едно од тие прашања, е дали тужителите ја имаат потребната активна легитимација за поведување на постапката за повреда на авторското право, со оглед на тоа што согласно Федералниот акт на САД, член 411(а), авторското право мора да биде регистрирано за да се поведе постапка за негова повреда. Регистрацијата на која се повикуваат наследниците во тужбата, не е оригиналната сторија на Јунај, туку нејзина објава во еден од јавните магазини. Но, имајќи предвид дека наследниците се државјани на Израел, и овој случај има меѓународен елемент, за очекување е дека правните тимови на двете страни ќе ја имаат на ум и Бернската конвенција за заштита на книжевни и уметнички дела.
Дополнително, доктрината на “fair use” и трансформативниот елемент во правниот систем околу авторските права во САД, се прашања кои сметаме дека нема да бидат изоставени, во случај како овој. Следствено, за очекување е во текот на постапката да се аргументираат и да се анализираат директно сцените од филмот, со цел да се дојде до заклучок дали и до кој степен има трансформативен елемент.
Во моментот сеуште не е познат квантумот на оштетно побарување.