Споделуваме интервју на Д-р Ана Пепељугоска како Адвокат и Партнер во Адвокатско друштво Пепељугоски во публикација на Андерсен Глобал.
“Договорите за дистрибуција не се посебно регулирани во домашното законодавство, иако нивната содржина е определена под влијание на трговските обичаи и одредбите на другите слични видови договори и тие мора да бидат во согласност со Законот за облигациони односи и Законот за заштита на конкуренцијата, како и со останатите позитивни законски прописи“
Дали во вашата јурисдикција постои регултива во однос на договорите за дистрибуција и преку која законска алатка?
Во македонското законодавство, договорот за дистрибуција се смета за „неименуван договор“, односно договор што не е одделно регулиран и именуван во закон. Наместо тоа, договорот за дистрибуција настанал како резултат на автономната трговска пракса и врз неговата содржина во голема мерка влијаат трговските обичаи и одредбите на другите слични видови на договори како што се договорот за набавка, договорот за комерцијално застапување, договорот за франшиза итн. Законот за облигациони односи е главниот закон што ја регулира содржината на договорите, па затоа е широко применлив и за содржината на договорите за дистрибуција. Покрај Законот за облигациони односи, Законот за заштита на конкуренцијата содржи некои одредби што ги регулираат договорите за дистрибуција, но исклучиво во однос на заштитата и обезбедувањето на ефективна конкуренцијата.
Дали во вашата јурисдикција е дозволено на договорот, ако страните се согласат на тоа, да биде меродавно друго право ?
Автономијата на страните е главниот принцип на договорното право. Според законот за меѓународното приватно право, секогаш кога има странски елемент, договорните страни, можат слободно да го изберат меродавното право во однос на договорот. Нивната волја за избраното меродавно право може експлицитно да се изрази со договорот или може да произлезе од одредбите на договорот од други околности. Меѓутоа, ако обете страни се домашни физички или правни лица и договорот е склучен на територијата на Северна Македонија, договорот во принцип не може да подлежи на друго законодавство освен македонското.
Дали дистрибутерот има право да бара надомест на штета со престанокот на договорот за дистрибуцијата и доколку има такво право во кој рок може истото да го бара?
Дистрибутерот има право на надомест на штета по престанокот на договорот за завршената работа што е извршена според договорот, пред раскинувањето на истиот. Во овој случај, другата договорна страна е должна да му надомести на дистрибутерот, или во спротивно дистрибутерот ќе има право на судска заштита. Висината на надоместокот ќе зависи само од цените договорени меѓу страните со договорот за дистрибуција. Покрај надоместокот за завршена работа, во случај на еднострано, предвремено раскинување на договорот, договорната страна што го прекршила договорот е должна да ја надомести штетата на другата страна. Висината на надоместокот ќе зависи од реалната штета што настанала при кршење на договорот и загубата на идната корист што другата страна би требала да ја сноси. Покрај тоа, договорните страни исто така можат да определат договорна казна во случај на прекршување на договорот.
Дали дистрибутерот валидно може да се откаже од правото да бара надомест на штета во самиот договор?
Дистрибутерот не може валидно да се одрече од правото на надомест, во самиот договор. Дистрибутерот исто така не може да се одрече од правото на надомест на штета со договорот, пред да настане штетата. Секоја спротивна одредба ќе се смета за ништовна.